СКАНДАЛ ВО ЕП – Известувачот за Македонија со закани по живот
Особено алармантна, според Вајц, е ситуацијата во Бугарија, каде што, како што открива, бугарски европратеници се обиделе да го отстранат од позицијата известувач.

Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, откри дека бил изложен на сериозни притисоци и кампања на дискредитација додека го подготвувал извештајот за напредокот на земјата.
Во интервју за македонски медиуми Вајц изјави дека неговиот телефонски број бил објавен во екстремно десничарски групи на платформата Телеграм, по што почнал да добива закани по живот. „Тоа продолжи и по гласањето на извештајот“, рече тој.
Особено алармантна, според Вајц, е ситуацијата во Бугарија, каде што, како што открива, бугарски европратеници се обиделе да го отстранат од позицијата известувач.
„Имаше кампања против мене – ме обвинуваа дека сум корумпиран, пристрасен… Ми замеруваа што разговарав со македонски претставници. А јас само прашав: ‘Извинете, со кого би требало да разговарам кога подготвувам извештај за Северна Македонија?’“, изјави Вајц со доза иронија.
Тој додаде дека целиот процес бил исклучително тежок, особено со оглед на тоа што од 2022 година немало подготвен извештај за земјата. Бугарските европратеници, според него, се обиделе да го блокираат извештајот во целост.
„Главната цел им беше тој воопшто да не се изгласа. Единствената измена што ја бараа беше бришење на деловите во кои се признава македонскиот јазик и идентитет“, посочи Вајц.
На прашањето зошто воопшто овие теми се дел од документот, Вајц беше дециден:
„Не е пракса јазикот и идентитетот на една земја-кандидат да се доведуваат во прашање.“
И покрај сите обиди за блокирање, извештајот беше изгласан, што според Вајц испраќа јасна порака дека Европската Унија останува посветена на поддршката за македонскиот европски пат.
„Овој извештај не дава никаква причина уставните измени да не се спроведат. Тоа е обврска која Северна Македонија веќе ја презела. Веднаш по нивното усвојување, може да започнеме со суштинските пристапни преговори“, изјави Вајц, предупредувајќи дека овој процес не смее да се злоупотребува за политички блокади.


