СКАНДАЛ СО ХРАНА – АХВ уништи 37 тони расипани производи
Инспекциските служби заплениле јаткасти плодови, зрнести производи и зачини без декларации и со истечен рок.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) минатата недела спроведоа вонредна контрола кај оператор со храна, при што беа запленети и уништени околу 37 тони небезбедна храна.
Според соопштението на АХВ, уништените производи вклучувале јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи, како и различни зачини без декларации и со истечен рок на употреба од една до две години.
На операторот му е изречена привремена забрана за работа, парична казна, како и наредба за отстранување на утврдените неправилности.
Агенцијата дополнително информира дека во текот на неделата биле извршени и контроли кај други оператори со храна – месарници, ресторани, сендвичарници и маркети. Кај дел од нив биле констатирани неправилности, како нерегистрирани оператори, неположени задолжителни обуки за безбедност на храната, како и пуштање во промет на небезбедна храна.
За овие прекршоци се изречени парични казни, привремени забрани за вршење дејност и наредби за отстранување на недостатоците. Целата затекната небезбедна храна е уништена, стои во соопштението на АХВ.

