СКАНДАЛ НА ПАЗАРОТ СО ПРЕХРАНБЕНИ ПРОДУКТИ Казни за незаконски договори за цени меѓу ССК и трговци
Четири трговски друштва и Сојузот на стопански комори казнети за усогласување на цените без дозвола.

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) утврди дека четири трговски друштва кои оперираат на пазарот на трговија на мало со прехранбени производи, заедно со Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) како координатор, учествувале во забранет договор и/или усогласено однесување, согласно член 59 од Законот за заштита на конкуренцијата.
Во постапката е утврдено дека на состанокот одржан на 5 февруари 2025 година, учесниците постигнале договор да не прифаќаат нови или зголемени ценовници од добавувачите. Со ова, независното пазарно однесување било заменето со практична координација, што претставува „by object“ ограничување на конкуренцијата. Овој вид на ограничување е забранет без дополнително докажување на пазарни ефекти, соопшти КЗК.
Со донесеното решение, секое од четирите трговски друштва е казнето со глоба од 3.075.000 денари, додека ССК доби прекршочна санкција од 1.143.000 денари. Целта на казните е превенција на идни нарушувања и заштита на потрошувачите и пазарната конкуренција.

