СИНИША НОВЕСКИ СО ИЗЛОЖБА ВО ПРИЛЕП Симболика, традиција и топлина во дрво
Настанот е дел од годишната програма на Центарот за култура за 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.

На 24 октомври 2025 година (петок) во 19 часот, во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на скулптури од Синиша Новески. Настанот е дел од годишната програма на Центарот за култура за 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Изложбата претставува избор од дваесетина дела создадени во последните две децении, со фокус на циклусот „Жар скулптури“ изработен во дрво. Делата се симболични, лирични и асоцијативни, преплетувајќи современи теми со мотиви од македонската традиција и митологија.
Синиша Новески е академски скулптор и професор на МИТ Универзитетот во Скопје. Роден во 1978 година, тој има реализирано над 30 самостојни и повеќе од 45 групни изложби во земјава и странство, со бројни јавни скулптури и награди за своето уметничко и педагошко работење.

