СИНДИКАТОТ БАРА ОДГОВОРНОСТ – Поднесена кривична пријава за одговорни лица во МО

Ревизорскиот извештај за 2024 година откри непочитување на закони и Колективниот договор; над 1200 нови тужби за вработените

СИНДИКАТОТ БАРА ОДГОВОРНОСТ – Поднесена кривична пријава за одговорни лица во МО
Фото: Принтскрин

Денес, Независниот синдикат на професионални војници – СО Скопје поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против раководни и овластени лица од Министерството за одбрана. Пријавата е поднесена поради основано сомнение за злоупотреба на службена положба и овластување (член 353 од Кривичниот законик) и за несовесно работење во службата (член 353-в).

Пријавата е поднесена врз основа на негативниот Конечен извештај за финансиска и усогласеностна ревизија на Министерството за одбрана за 2024 година, кој утврди непочитување на законските одредби и на Колективниот договор на Министерството.

Јавноста е запознаена дека до 2023 година буџетот на Министерството беше оштетен со околу 20 милиони евра како резултат на тужби од вработени, средства кои беа исплатени од буџетот за судски трошоци и компензации за припадници на Армијата.

Според извештајот на Државниот завод за ревизија, повторно се утврди непочитување на Колективниот договор и Законот за служба, при што за 2024 година беа поднесени 1221 нови тужби, што повторно предизвикува финансиска штета за буџетот. Бројката на тужби за 2025 година веќе ја надминува оваа бројка, вклучувајќи 280 нови тужби само за дискриминација и краткорочно трансформирање на работниот однос.

Извештајот дополнително покажува дека состојбата во некои сектори е непроменета целих 10 години, без спроведување на забелешките и препораките од претходните ревизии. Ова укажува на негрижа за јавните средства кои ги обезбедуваат граѓаните на Република Северна Македонија.

Независниот синдикат на професионални војници бара Основното јавно обвинителство Скопје да отвори предмет и да ја утврди одговорноста на раководните и овластените лица од Министерството за одбрана, врз основа на доставениот Конечен извештај за 2024 година.

CATEGORIES
TAGS
Share This