СИЛЈАН НЕ СТИГНА ДО ОСКАР – Но одекна во светот

Американската академија ги објави потесните листи за Оскар, „Силјан“ не влезе меѓу избраните

СИЛЈАН НЕ СТИГНА ДО ОСКАР – Но одекна во светот
Фото: Принтскрин

Поканети гости од медиумите и од културната фела синоќа, со вино и пуканки, присуствуваа на организиран настан во Скопје, каде што беше прогласен потесниот круг на номинации за Оскар.

Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, иако важеше за силен кандидат, не влезе меѓу најдобрите 15 филмови во категориите за Најдобар документарец и Најдобар странски филм според Американската академија за филмски уметности и науки. Петте официјални номинации во овие категории ќе бидат објавени на 22 јануари, а доделувањето на Оскарите е закажано за 15 март.

Оваа година конкуренцијата во категоријата за документарци беше особено силна, од 201 пријавени филмови. За споредба, единствено во пандемиската 2020 година бројот на пријави беше повисок (238), кога беа дозволени и одредени исклучоци, како на пример прикажување на филмови кои не поминале низ кино-програма.

И покрај разочараноста, атмосферата на настанот во Скопје се разживеа кога директно од Париз пристигна режисерката Тамара Котевска, која ги изненади присутните и прима честитки за големиот успех на глобалната филмска сцена.

„Не сум разочарана што ‘Силјан’ не влезе во потесниот избор за Оскар. За мене приказната заврши кога ‘Нешнл џиографик’ го купи филмот и тоа беше врв во кариерата на еден филмаџија. Сѐ останато е бонус и дел од некои елитни игри, а супер е што Македонија имаше можност да биде дел од нив. Најважно е што македонска приказна одекна во светот и што ја имаме поддршката на целата нација. ‘Силјан’ станува значаен и гласен и тоа е суштината на едно филмско дело“, изјави Котевска.

Таа потсети дека македонската премиера на „Силјан“ се очекува на почетокот на 2026 година.

„Македонскиот филм сѐ повеќе расте и отвора нови можности за другите филмови да бидат забележани. Многу луѓе сега ја знаат Македонија, знаат што се случува тука и сакаат да ја посетат земјата. Сакам да им кажам на сите филмаџии во земјава: мораме да продолжиме да се бориме. Можеби некои стремежи, како Оскар, се недостижни, но нашата цел е да произведуваме квалитет. Нека ‘Силјан’ биде мотив за сите да работат уште поинтензивно“, додаде Котевска.

По два успешни документарци, Котевска сега се подготвува да освојува свет со својот дебитантски игран филм „Човек против јато“, кој ја имаше премиерата на фестивалот Лез Аркс во Франција и доби награда за постпродукција во вредност од 10.000 евра.

„Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот филмски фестивал оваа година, вон конкуренција, а кампањата за можни номинации започна откако National Geographic Documentary Films го откупи филмот за прикажување. Американската кинопремиера се одржа на 28 ноември во Њујорк.

Во 2020 година, документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов имаше историски две номинации за Оскар за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм, што беше првпат за македонски филм.

CATEGORIES
Share This