СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА Стручноста и интегритетот пресудни за изборот во Судскиот совет
Претседателката пред пратениците нагласи дека изборот е заснован на стручност, компетентност и личен интегритет

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната седница на Собранието ги образложи своите предлози за избор на Арлинда Кадри-Шахиновиќ и Сузана Јошевска-Анастасовска за членки на Судскиот совет, истакнувајќи дека одлуката е донесена исклучиво врз основа на нивната стручност, компетентност, професионалност и личен интегритет.
Обраќајќи им се на пратениците, Сиљановска-Давкова нагласи дека реформите во правосудството мора да бидат водени од личности со јасен професионален и морален кредибилитет, имајќи ја предвид клучната улога што Судскиот совет ја има во стабилизирањето и функционирањето на судскиот систем.
„Од дискусиите и тука, но и во јавноста воопшто, јасно произлезе дека Судскиот совет прерасна во фактор на криза во судството. Двете кандидатки не ги предложив затоа што се жени, туку пред сѐ поради нивната стручност и компетентност, истакна претседателката.
Таа посочи дека покрај професионалните квалификации, исклучително значајна е и етичката димензија, која, според неа, претставува предуслов за независно, одговорно и функционално судство.
„Судскиот совет е рентген и микроскоп на судскиот систем. Во него треба да членуваат луѓе кои ќе оценуваат не само врз основа на формалните квалификации, туку и врз основа на личниот интегритет и достоинство. Во правото најважни се законитоста, уставноста и етиката, бидејќи само таков орган може да одлучува за дисциплинска одговорност, избор и разрешување на судии, нагласи Сиљановска-Давкова.
Претседателката подвлече дека реформските процеси во правосудството започнуваат токму од Судскиот совет и дека неговото правилно и одговорно функционирање е клучен предуслов за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем.


