СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА – Состојбата во земјата е стабилна и безбедна

Нема закани по внатрешната безбедност, институциите ја следат ситуацијата

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА – Состојбата во земјата е стабилна и безбедна
Фото: Принтскрин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност, на која беше разгледана безбедносната состојба во земјата по најновите настани на Блискиот Исток, изјави дека Македонија не е изложена на нестабилност и нема закани по безбедноста ниту внатре во земјата, ниту во регионот. Таа истакна дека постои функционален систем за рано предупредување и дека институциите постојано ја следат ситуацијата и се координираат меѓусебно.

Во однос на внатрешната безбедност, Сиљановска-Давкова посочи дека според податоците од Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и Началникот на Генералштабот, состојбата е стабилна и безбедна. Во моментов нема закани или индиции за нестабилност.

Претседателката нагласи дека земјата е во континуирана координација со регионалните партнери и сојузниците во НАТО, а сите релевантни информации се споделуваат на соодветните форуми. Таа додаде дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира граѓаните да се пријават во дипломатско-конзуларните претставништва, со цел нивно евидентирање за евентуална евакуација. Формираниот кризен центар останува во континуиран контакт со сите пријавени лица.

Главната причина за загриженост кај граѓаните, според Сиљановска-Давкова, е затвореното воздушно пространство во дел од земјите во регионот, што го отежнува нивното враќање. Во некои случаи се разгледувале алтернативи, како бродски превоз, но и тие се ограничени. Сепак, сите македонски државјани се згрижени, безбедни и во постојана комуникација со Министерството, кое работи на најбрзо и најсоодветно решение за нивното враќање.

Освен безбедносниот аспект, на седницата се разгледале и можните економски импликации, вклучително и снабдувањето со енергенси. Интерконекторот со Грција е во функција, а законските обврски за резерви на нафта од 40 до 90 дена се исполнети. Претседателката заклучи дека во моментов нема причини за дополнителна загриженост.

CATEGORIES
Share This