СИЉАНОВСКА ДАВКОВА ОДЛУЧИ – Адвокатка и професорка за нови членки на Судскиот совет
Професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска се кандидатите на претседателката

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова до Собранието ги достави своите предлози за двајца нови членови на Судскиот совет – универзитетската професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска. За нивниот избор е потребно мнозинство гласови од пратениците.
Овој чекор доаѓа по претходната најава на Силјановска-Давкова дека кандидатите ќе ги предложи дури по усвојувањето на законските измени, при што инсистираше на избор на истакнати и кредибилни личности од областа на правосудството. Предлозите се доставени откако Собранието на 29 декември го усвои новиот Закон за Судскиот совет, кој предвидува мерки за зајакнување на транспарентноста и отчетноста на ова тело.
Арлинда Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со академска кариера изградена на Факултетот за правни и политички науки при ФОН и на приватниот МИТ Универзитет. Таа беше и член на Комисијата за помилување на претседателката Силјановска-Давкова.
Сузана Јошевска-Анастасовска е истакната адвокатка со долгогодишна професионална пракса, позната во јавноста по своите настапи и ставови поврзани со состојбите и проблемите во судството.


