СИЉАНОВСКА -ДАВКОВА ОД РИМ Без Кирил тешко би се просветиле
Посетата на базиликата Санта Марија Маџоре е традиционален чин на македонските делегации во рамки на мајските чествувања во Рим и Ватикан, со кои се оддава признание на мисијата на Кирил и Методиј - творците на словенската писменост и духовност.

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска ја посети базиликата Санта Марија Маџоре во Рим, во рамките на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј.
Во свечена атмосфера, Сиљановска-Давкова положи венец пред спомен-плочата поставена во чест на Светите браќа, која се наоѓа во базиликата и е испишана и на македонски јазик. Воедно, претседателката оддаде почит и на гробот на Неговата светост, папата Франциск, кој неодамна почина.
По посетата, претседателката истакна дека е длабоко инспиративно да се види натпис на македонски јазик покрај оние на другите словенски јазици, и подвлече дека без делото на Свети Кирил, просветата кај словенските народи би била речиси незамислива.
„Кирил е носителот, промоторот на писменоста. Без писменост, не можеме ни умот, ни мислите да ги изразиме. Затоа е особено значајно што токму тука, во срцето на христијанството, се признава и вреднува тој цивилизациски придонес“, изјави Сиљановска-Давкова.
Осврнувајќи се на починатиот папа Франциск, со кого минатата година имаше длабок и значаен разговор во Ватикан, Сиљановска-Давкова рече дека тој ќе остане запаметен како симбол на духовна длабочина, посветеност и блискост до обичниот човек.
„Папата Франциск беше човек на верата, на мирот, на сиромашните. Ерудиран, топол и секогаш близок со верниците. Светот изгуби голем духовен водач, но неговото дело ќе продолжи да инспирира“, порача таа.
Посетата на базиликата Санта Марија Маџоре е традиционален чин на македонските делегации во рамки на мајските чествувања во Рим и Ватикан, со кои се оддава признание на мисијата на Кирил и Методиј – творците на словенската писменост и духовност.


