СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА – Нема застој со САД и покрај паузата за визи

Визната пауза на Вашингтон не е насочена само кон Македонија, туку кон 75 држави во светот

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА – Нема застој со САД и покрај паузата за визи
Архива

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова изјави дека нема промени во односите меѓу Македонија и САД, иако Вашингтон донесе одлука привремено да ги стави на пауза постапките за издавање иселенички визи за 75 држави, меѓу кои е и Македонија.

„Секако дека нема никаков застој. Тоа е американска национална политика и очигледно дека САД не изолираат само една, туку 75 земји“, рече Сиљановска Давкова во телевизиско гостување.

Таа додаде дека мерката ја смета за очекувана, како дел од рестриктивниот пристап кон имиграцијата.

Според претседателката, логично е дека кога ќе се воведе поострa контрола на миграцијата, вниманието се насочува и кон оние кои легално доаѓаат, но потоа настојуваат да останат во САД по истекот на престојот.

„Не сме сами во ова. Во истата група се и Црна Гора, БИХ и Албанија. Тоа бара внимателна анализа, затоа што во периодов САД се фокусираат на намалување на потенцијалните безбедносни ризици“, оцени таа, нагласувајќи дека мерката не е специфично насочена кон Македонија.

Во врска со ставот на државата околу ситуацијата со Гренланд, Сиљановска Давкова истакна дека малите држави традиционално внимателно настапуваат, не реагираат први и секогаш се повикуваат на меѓународното право, правдата и институциите.

„Ние сме стратешки партнери со САД и тоа симболично беше важно кога тие ни понудија поддршка. Иако тогаш беше најавено дека утредента ќе станеме членка на НАТО, тоа не се случи поради одлуки на европските актери“, рече таа.

Претседателката потсети дека Македонија има 100% усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ и дека сојузниците во регионот се соочуваат со исти дилеми.

„Внимателно ги следам случувањата. Сега не можам да кажам каков ќе биде ставот затоа што прашањето е многу поразлично од претходните, како во случајот со Венецуела. Во Гренланд веќе има и НАТО присуство“, додаде таа.

Посочува дека актуелните случувања се поврзани со враќање на идеите од Монровата доктрина и трката за арктичка и енергетска доминација.

Таа подвлече дека Македонија припаѓа на Европа:

„Не можеме да бидеме виртуелна 51. држава на САД. Ние сме дел од Европа и нашите претставници активно учествуваат во разговорите во рамките на коалицијата на подготвените“.

Говорејќи за пополнувањето на амбасадорските места, Сиљановска Давкова изјави дека процесот е пред завршување и дека прашањето наскоро ќе биде решено „логично, рационално и како што треба“. Таа нагласи дека Владата има јасен стратешки пристап, а амбасадорите ќе бидат распределени согласно договорите, постапките и професионалната кариера.

CATEGORIES
Share This