ШВАЈЦАРСКИ КОМПАНИИ ВЛЕГУВААТ ВО МАКЕДОНИЈА – Ова е шансата што не смеете да ја пропуштите
Нова стопанска комора за бизнис-партнерства меѓу Македонија и Швајцарија

Денес во Музејот на македонската борба за самостојност свечено беше промовирана Швајцарската комора на Северна Македонија – СвисЧам МК, како нова платформа за унапредување на економската соработка, инвестициите и деловното поврзување меѓу двете земји. На настанот се обратија претседателот на Комората, амбасадорот на Швајцарија во земјава, Н.Е. Кристоф Зомер, и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски.
Основањето на Комората е резултат на повеќегодишна иницијатива на водечки компании и поддршка од Швајцарската амбасада, со цел создавање стабилна и доверлива деловна заедница заснована на швајцарските вредности. Амбасадорот Зомер истакна дека Комората ќе ги претвори постоечките економски врски во конкретни партнерства и нови можности за раст.
СвисЧам МК се позиционира како стратешка иницијатива која ги обединува сигурноста, довербата и иновативноста, а ќе се фокусира и на развој на инвестициски можности преку концептот на nearshoring. Претседателката на Комората, Соња Стефановска, нагласи дека Комората ќе биде „мост на доверба“ меѓу луѓето, бизнисите и институциите, градејќи партнерства засновани на квалитет, прецизност, интегритет и транспарентност.
Заменик-министерот Димитровски додаде дека Комората ќе овозможи подобра комуникација, размена на информации и поддршка за нови деловни иницијативи, истакнувајќи дека Владата и Министерството остануваат целосно посветени на унапредување на економската дипломатија и создавање нови партнерства.
Преку пренос на швајцарската експертиза и примена на добрите деловни практики, СвисЧам МК ќе функционира како платформа за вмрежување, размена на знаења и поддршка на бизнисите, со цел да придонесе кон одржлив економски развој и зголемена конкурентност на македонската економија.


