ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ДИЈАЛОГОТ – Енергетика, НАТО и нови договори во игра

Висока владина делегација во Вашингтон со јасна порака за зајакнување на партнерството.

ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ДИЈАЛОГОТ – Енергетика, НАТО и нови договори во игра
Фото: Социјални мрежи

Вчерашниот Стратешки дијалог меѓу САД и Северна Македонија, одржан во Вашингтон, отвора ново поглавје во билатералните односи и најавува засилена соработка на повеќе клучни полиња.

Македонската делегација беше составена од високи владини претставници, меѓу кои министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за економија Бесарт Дурмиши. Од американска страна, разговорите ги предводеше Брендан Ханрахан од Стејт департментот, а подоцна се приклучи и заменик-државниот секретар Кристофер Ландау.

По пленарниот дел, Муцунски и Ландау одржаа посебна средба на која ја потврдија заедничката заложба за долгорочно партнерство, базирано на безбедност, слобода и демократски вредности. Во фокусот на разговорите беа соработката во рамки на НАТО, унапредувањето на економските врски по договорената трговска рамка од февруари 2026 година, како и прашањата за енергетска безбедност и диверзификација на изворите.

Се разговараше и за состојбите на Западен Балкан и процесот на европска интеграција, при што беше нагласена важноста од континуираното присуство и ангажман на САД како фактор за стабилност во регионот, особено во услови на глобални безбедносни предизвици.

Од Стејт департментот со кратко соопштение порачаа дека средбата ја потврдила силната и растечка соработка меѓу двете земји, со акцент на регионалната стабилност, економскиот развој, енергетиката и заедничките обврски во рамки на НАТО.

CATEGORIES
Share This