ШТО СЕ ДОГОВОРИ ВО ВАШИНГТОН – Македонија и САД со голем пакет мерки за гас, безбедност и пари
Македонија ќе купува американски течен природен гас.

Владите на Северна Македонија и САД објавија заедничка изјава по втората сесија на Стратешкиот дијалог во Вашингтон, предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и заменик-државниот секретар Кристофер Ландау.
Изјавата, објавена на веб-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, предвидува продлабочување на соработката во повеќе клучни области. Меѓу нив се купување течен природен гас од САД, воспоставување едношалтерски систем за извоз и американски инвестиции, како и зајакнување на трговските односи и инвестициската клима.
Двете земји ја потврдуваат посветеноста кон колективната безбедност во рамки на НАТО, со план за зголемување на трошоците за одбрана до 5% од БДП до 2035 година. Воедно, Северна Македонија се обврзува да обезбеди донација согласно Списокот на приоритетни потреби на Украина.
САД ќе обезбедат техничка поддршка за јакнење на дигиталната инфраструктура во македонските институции, како и финансиска помош од 3.523.000 долари за зајакнување на капацитетите на органите на прогонот и управувањето со границите.
Во делот на безбедноста, акцент е ставен на борбата против транснационалниот криминал, нелегалната миграција и унапредувањето на граничната контрола, преку засилена соработка и поддршка.
Дополнително, договорени се активности за зајакнување на сајбер безбедноста, вклучително и проценка на критичната инфраструктура и јакнење на институционалните капацитети.
Во однос на мобилноста, програмата „Global Entry“ ќе овозможи побрза проверка за однапред одобрени патници од Северна Македонија со низок ризик при влез во САД, но засега нема најава за укинување на визите.
Стратешкиот дијалог опфаќа и иницијативи за заштита на културното наследство, како и дополнително продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји.
