ШТО АКО ЕВРОПСКАТА УНИЈА ИСЧЕЗНЕ – „Политико“ предупредува на сериозни последици

Без ЕУ, повторно будење на територијални спорови и национализам

ШТО АКО ЕВРОПСКАТА УНИЈА ИСЧЕЗНЕ – „Политико“ предупредува на сериозни последици
Фото: Принтскрин

Во последно време, особено меѓу одредени делови од американскиот политички спектар блиски до администрацијата на претседателот Доналд Трамп, се појавуваат сè почести повици за слабеење или дури распуштање на Европската Унија. ЕУ често се прикажува како бирократски проект кој наводно го загрозува националниот идентитет и суверенитет на европските држави.

Меѓутоа, според анализата на Политико, ваквите позиции ги игнорираат историските и политичките последици што исчезнувањето на Европската Унија би ги имало, како за Европа, така и за Соединетите Американски Држави.

Европа без ЕУ нема да се претвори во континент на стабилни и силни национални држави, туку би можела да стане простор за повторно будење на стари територијални спорови и национални конфликти. Европската интеграција денес е клучниот механизам што ги ограничува националистичките и територијалните ревизионистички проекти. Политичките актери со историски или етнички претензии кон соседните земји, благодарение на рамката на ЕУ, досега останаа политички ограничени. Без европската унија, овие амбиции би можеле да се претворат во реална закана за мирот.

Слабеењето на ЕУ исто така би ги зајакнало надворешните актери како Русија, која веќе ги користи „замрзнатите конфликти“ и политичката нестабилност за да го прошири своето влијание. Освен тоа, загрозувањето на европската безбедносна архитектура би имало негативни последици и за НАТО, што директно ги засега и американските интереси.

Политико потсетува дека американската поддршка за европската интеграција по Втората светска војна не беше само израз на идеализам, туку стратешка одлука за спречување на нови војни во Европа. Оваа политика донесе децении на мир, економски раст и стабилно трансатлантско партнерство од кое имаа корист и САД.

Заклучокот на анализата е јасен: сегашните политички напади врз ЕУ можат да поттикнат краткорочни културни и идеолошки расправи, но на долг рок би предизвикале сериозни безбедносни и политички ризици. Распадот на ЕУ не би бил проблем само за Европа, туку брзо би се покажал и како стратешка грешка за самата Америка.

CATEGORIES
TAGS
Share This