ШОКАНТНИ ДЕТАЛИ ЗА НЕСРЕЌАТА НА AIR INDIA 171 – моторите исклучени само неколку секунди по полетувањето

Истрагата за трагичната несреќа на летот Air India Flight 171, во која загинаа 260 луѓе, донесе шокантно откритие: двата мотора останале без гориво веднаш по полетувањето, откако прекинувачите за довод биле поставени на „исклучено“ – процедура која вообичаено се спроведува дури по слетување.
Прелиминарниот извештај покажува дека авионот бил во воздух помалку од 40 секунди и достигнал само 190 метри надморска височина пред да се сруши во населена зона во Ахмедабад.
Снимка од пилотската кабина открива глас на еден од пилотите како прашува: „Зошто ги исклучи моторите?“, на што следува одговор: „Јас не ги исклучив.“ Иако не е потврдено кој од нив што рекол, познато е дека копилот управувал со леталото, а капетанот имал надзорна улога.
Автоматскиот систем за рестартирање бил активиран веднаш по прекинот, при што левиот мотор почнал повторно да се активира, но десниот не успеал на време. Инвестигаторите сега се фокусирани на прашањето – кој и зошто ги активирал прекинувачите за исклучување на доводот?
Стручњаците нагласуваат дека кај моделот Boeing 787 Dreamliner, ваквите прекинувачи не можат лесно да се активираат – неопходно е подигнување и ротирање, што исклучува можност за ненамерна грешка со една рака.
„Ова не може да се случи случајно. Не личи на ниту еден случај што досега сум го видел,“ изјави Шон Пручницки, поранешен истражител и авијациски експерт од Универзитетот Охајо.
Дополнително, не постојат докази дека екипажот бил под стрес или дека имало какво било недоразбирање. Пилотите биле тестирани на алкохол пред летот, и имале доволно време за одмор.
„Во некои итни случаи пилотите знаат да притиснат погрешно копче, но овде нема ниту трага од паника,“ додава Пручницки.
Питер Голц, поранешен директор на американската Национална служба за безбедност во сообраќајот (NTSB), го нарече откритието „длабоко вознемирувачко“ и потенцираше дека најважна ќе биде деталната анализа на снимките, со цел точно утврдување на движењата и одлуките во тие клучни 40 секунди.


