ШОКАНТНА ТЕЛЕФОНСКА ИЗМАМА – Битолчанка остана без 20.000 евра
Непознат маж се претставил како болничар, барајќи 20.000 евра за „спас на ќерката

Седумдесетгодишна жена од Битола остана без 20.000 евра откако непознат маж ја измамил со приказна за „несреќен случај“ со нејзината ќерка и итна операција со златни шипки. Во страв за животот на детето, жената за само неколку часа собра сè што имала и ги предаде парите, а дури подоцна, кога се слушнала лично со ќерката, сфатила дека станува збор за класична измама.
Според пријавата во СВР Битола, непознатото лице се јавило на домашниот телефон на пензионерката и се претставило како човек што е со нејзината ќерка во болница. Во драматичен тон ѝ рекол дека ќерката паднала по скали, ја искршила вилицата и ногата и дека лекарите мора веднаш да ѝ стават златни шипки. Сепак, операцијата, наводно, не можела да започне без готови пари. Измамникот инсистирал на брза реакција, без јавување во други институции и без поставување прашања.
Исплашената жена, убедена дека секоја минута е важна за здравјето на ќерката, собрала 20.000 евра и ги однела на договорено место, каде што ги оставила без директен контакт или потврда. Дури кога подоцна ѝ се јавила ќерката и ѝ кажала дека е добро, станало јасно дека станува збор за измама.
Случајот е пријавен во полиција, а од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и идентификација на измамникот.


