ШОКАНТЕН АТЕНТАТ ВО РУСИЈА – Еве кој генерал од врвот на военото разузнавање е застрелан
Рускиот истражен комитет потврди дека нападот се случил во станбена зграда на Волоколамскиот автопат.

Генерал-потполковникот на руската армија Владимир Алексеев рано утрово беше застрелан во станбена зграда во Москва и во моментов се наоѓа во тешка состојба, соопшти Рускиот истражен комитет.
Според официјалното соопштение, инцидентот се случил во зграда лоцирана на Волоколамскиот автопат, кога засега непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев и потоа избегало од местото на настанот.
„Жртвата е итно хоспитализирана во градска болница. Истражните дејствија се во тек информираат од Рускиот истражен комитет.
Истражителите заедно со форензичките екипи ги анализираат снимките од безбедносните камери и ги сослушуваат сведоците со цел да се утврдат околностите и мотивите за нападот.
Владимир Алексеев е прв заменик-началник на Главната дирекција за разузнавање (ГРУ) при Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација.
Роден е во 1961 година во селото Голодки, кое денес се наоѓа на територијата на Украина. Дипломирал на Авијациското училиште во Рјазан, по што извршувал низа високи функции во руските воени структури.
Во текот на кариерата бил началник на Разузнавачката дирекција на Московскиот воен округ, а подоцна и на тогашниот Далечноисточен воен округ. Подоцна е преместен во централниот апарат на ГРУ, каде до 2011 година ја предводел 14-тата дирекција.
За време на антитерористичката операција во Сирија, Алексеев командувал со клучни воено-разузнавачки операции. Во 2017 година, со указ на претседателот Владимир Путин, му беше доделена највисоката државна награда – титулата Херој на Руската Федерација.
За време на бунтот на основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, Алексеев јавно изјави дека бунтовниците имале намера да ѝ „забијат нож во грб на државата и на претседателот“, обвинувајќи ги за обид за узурпација на власта. Тој тогаш ги повика учесниците во бунтот да се вразумат и подоцна лично разговараше со Пригожин во Ростов на Дон.


