ШОК ВО МАДРИД Реал Мадрид ќе забранува влез за навивачи кои свиркаат
Клубот најави санкции за навивачите што ќе негодуваат на трибините

Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ има прв натпревар по разделбата со Чаби Алонсо, одлука што предизвика бурни реакции кај навивачите и фудбалските аналитичари.
Со оглед на реномето на Алонсо, се очекуваше дека трибините ќе одекнат од свирежи и не само на адреса на Винисиус Жуниор, туку и кон раководството. Затоа, пред дуелот со Леванте, клубот, како што пренесуваат шпанските медиуми, однапред упатил строго предупредување до навивачите.
Според „Кадена СЕР“, Реал одлучил да го регулира однесувањето на публиката, особено во секторот „Града де Анимасион“, каде се наоѓаат најорганизираните поддржувачи. Таму, навивачите биле информирани дека нивните реакции ќе бидат внимателно следени за време на натпреварот.
Планот на клубот е јасен: по завршувањето на мечот ќе се прегледуваат снимките од безбедносните камери, а секој член на тој сектор кој ќе биде снимен како свирка против тимот ќе биде санкциониран со забрана за влез. Со тоа, управата јасно става до знаење дека нема да дозволи создавање негативна атмосфера во главната навивачка зона. Пораката е кратка и директна:
„Кој сака да свирка нека го прави тоа надвор од стадионот“.
Последните недели Винисиус Џуниор беше честа цел на незадоволство, а отпуштањето на Чаби Алонсо дополнително ги влоши односите меѓу клубот и дел од навивачите. Со новите мерки, управата на Реал се обидува да спречи „Бернабеу“ да се претвори во сцена за протести. Иако не може да го контролира секој агол од стадионот, клубот реши без компромис да го задуши секој обид за бојкот во секторот кој традиционално создава најсилна поддршка.


