ШЕСТ ГОДИНИ НАТО – Филипче ја потенцира стратешката важност за нашата држава
Притоа Филипче зборува за историски успех на СДСМ и одговорни политики кои ја внеле Македонија во Алијансата.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска преку социјалните мрежи го честиташе шестгодишното членство на Македонија во НАТО. Тој потенцира дека приклучувањето на најмоќниот воено-политички сојуз на 27 март 2020 година претставува историски момент и исполнување на клучен национален интерес.
Според Филипче, одговорните политики на СДСМ како претходна власт овозможиле брза и успешна пристапна постапка.
„Со државнички и одговорни политики, СДСМ ја воведе Македонија во НАТО преку една од најбрзите пристапни процедури во историјата на Алијансата. Со тоа обезбедивме трајна безбедност, стабилност и сигурност за државата и сите наши граѓани“, напиша Филипче.
Тој додаде дека, во услови на актуелни глобални безбедносни предизвици, уште појасно се согледува стратешката важност на оваа одлука, нагласувајќи дека денес македонската безбедност е поддржана од најмоќниот сојуз во светот.


