ШЕФОТ НА ДИПЛОМАТИЈАТА НА НАТО СЕСИЈА ВО САД Одбележување на 30 години од Дејтонскиот договор
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе учествува и на два настани од официјалната програма - панел-дискусија посветена на унапредување на стабилноста во Западен Балкан и на пленарната седница со која ќе биде затворена Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, од денеска престојува во Дејтон, Охајо, во САД, каде што ќе учествува во активностите по повод одбележувањето на 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор. Настанот се одржува во рамки на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО.
Според Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, посетата се реализира на покана на американскиот конгресмен и шеф на делегацијата на САД во Парламентарното собрание на НАТО, Мајкл Тарнер.
Муцунски ќе присуствува на работна вечера организирана за регионални лидери и високи гости, на која ќе се разговара за мирот и стабилноста на Западен Балкан. На вечерата ќе се дискутира за напредокот на земјите од регионот, предизвиците со кои се соочуваат, како и за потребата од засилен меѓународен ангажман во насока на одржлив мир, безбедност и просперитет на Балканот. Посебен фокус ќе биде ставен на улогата на Дејтонскиот договор во воспоставувањето на трајна стабилност во Босна и Херцеговина и пошироко.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе учествува и на два настани од официјалната програма – панел-дискусија посветена на унапредување на стабилноста во Западен Балкан и на пленарната седница со која ќе биде затворена Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО.


