„Нашата држава не е полоша од Германија или Швајцарија, само треба добро да си ја организираме,“ истакна заменик-министерот за економија Марјан Ристевски на промоцијата на најновите политики во областа на економијата и трудот во Битола. На настанот беа презентирани мерки кои овозможуваат отворање сопствен бизнис и здружување на деловни субјекти, со фокус на младата популација до 29 години.
Оперативниот план опфаќа 16.500 млади луѓе и вклучува две категории мерки насочени кон сите невработени лица, со особен акцент на младите до 29 години, лицата со попреченост и припадниците на ромската заедница. Според процентуалната распределба, 40% од мерките се наменети за млади, а 5% за Роми. Конкурсот за аплицирање е објавен на 9 јуни, а веќе до крајот на претходната недела се пристигнати над 2.500 пријави за самовработување преку три различни подмерки.
Податоците на Светска банка покажуваат дека Македонија е меѓу првите десет земји по иселување на млади, без разлика на нивната образовна квалификација. Повеќе од 40% од младите ја напуштиле државата, што дополнително ја нагласува важноста на овие мерки за локалниот економски развој.
Не е доволно да се обезбеди финансиска поддршка за бизнис идеи – потребно е и соодветно знаење. Затоа, мерките предвидуваат и обуки организирани од Агенцијата за вработување и Агенцијата за поттикнување на претприемништвото, при што на располагање се ставени над 300 ментори и советници.