СЕМЕЈСТВАТА НА НАСТРАДАНИТЕ ВО КОЧАНИ Ќе ја бараме правдата и надвор од Македонија

Родителите нагласија дека биле принудени сами да ги изучуваат законите за да не бидат изманипулирани, и најавија дека сите досега собрани информации ќе ги објават на заеднички профил на социјалните мрежи.

СЕМЕЈСТВАТА НА НАСТРАДАНИТЕ ВО КОЧАНИ Ќе ја бараме правдата и надвор од Македонија
Фото: Принтскрин

Со порака „Ние изгубивме, вие имате уште за што да се борите“ и свирежи пред институциите, семејствата на загинатите и повредените во трагичниот пожар во клубот „Пулс“ во Кочани, го организираа осмиот по ред „Марш за ангелите“. Настанот, што попладнево се одржа во Кочани, ја изрази незадоволството од текот на истрагата и начинот на кој институциите ја водат постапката.

Маршот започна од Паркот на револуцијата, продолжи низ Трговскиот центар, а потоа учесниците застанаа пред зградата на Општина Кочани, каде се сместени инспекциските служби. Од таму, маршот продолжи пред Одделението за внатрешни работи и Основниот суд и Јавното обвинителство, каде учесниците повторно ги повикаа надлежните да обезбедат правичен и неселективен процес.

Во своето јавно обраќање пред Обвинителството, родителите настраданите реагираа што бројот на осомничени во истрагата се намалил од 73 на 46 лица. Изразија разочараност што дел од одговорните, според нив, не се ниту повикани на распит. Родителите нагласија дека биле принудени сами да ги изучуваат законите за да не бидат изманипулирани, и најавија дека сите досега собрани информации ќе ги објават на заеднички профил на социјалните мрежи.

„Дискотеката ‘Пулс’ работела нелегално, а институциите не ги воочиле очигледните пропусти. Зошто УЈП не утврди дека немало договор за закуп? Зошто Министерството за економија дозволи клубот да работи и покрај неважечка лиценца? Пазарниот инспекторат не спровел контрола, а ниту еден инспектор не е меѓу осомничените“, истакнаа родителите.

Дополнително, тие посочија дека клубот работел со блокирана сметка 217 дена и дека не издавал фискални сметки. Осврнаа внимание и на обврските на МВР кои, според нив, биле сериозно прекршени – од контрола на работното време и бучавата, до присуство на малолетници и точење алкохол.

„Пиротехнички средства биле користени, а не е утврдено кој ги набавил, дали тоа било правно или физичко лице, ниту дали имало дозвола. Во клубот биле присутни и полициски службеници, но не е јасно дали се повикани на распит. Смената на началниците во СВР и ОВР не е доволна“, додадоа родителите.

На крајот од маршот, семејствата порачаа дека нема да се откажат од барањето за одговорност и правда. Доколку истата не ја добијат од домашните институции, најавија дека случајот ќе го изнесат пред меѓународните тела.

CATEGORIES
TAGS
Share This