СЕКОЈА ПЕДА ЗЕМЈА Е МАКЕДОНСКА – Сојузот на борци од Тетово остро против етничкото гласање
Воедно, од Општинскиот одбор на Сојузот на борци Тетово упатија порака до граѓаните да не гласаат ниту по етничка, ниту по партиска линија, туку слободно, совесно и во интерес на јавното добро и иднината на државата.

Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ) и граѓаните продолжувачи од Тетово остро реагираа на изјавите на дел од политичките партии дадени во пресрет на вториот круг од локалните избори, оценувајќи ги како поттикнувачки за етничка нетрпеливост и раздор.
Во нивното соопштение се нагласува дека ваквите ставови претставуваат закана за територијалниот интегритет и унитарноста на државата.
„Иако досега се воздржувавме од коментари на политички теми за време на изборниот процес, моменталниот развој на настаните бара итна реакција од сите одговорни општествени чинители. Изјавите на Билал Касами, Хаким Рамадани, Енвер Пајазити и други, во кои се повикува на етничко обединување и гласање против Македонците, како и на ‘одбрана на територии’, се ретроградни, опасни и нанесуваат непоправлива штета,“ се наведува во соопштението.
Сојузот потсетува дека „секој пед земја е македонска и припаѓа на македонската држава – дом на сите нејзини граѓани“, и упатува апел до државното раководство итно да ги осуди ваквите изјави.
Воедно, од Општинскиот одбор на Сојузот на борци Тетово упатија порака до граѓаните да не гласаат ниту по етничка, ниту по партиска линија, туку слободно, совесно и во интерес на јавното добро и иднината на државата.


