СЕ ЗГОЛЕМУВА БРОЈОТ НА ДЕЦА КОРИСНИЦИ НА ДРОГА Петгодишно дете најмал регистриран корисник на дрога
Загрижувачки е и фактот што сè почесто се идентификува употреба на дроги кај деца од сè помала возраст, што го прави проблемот уште покомплексен и бара итна реакција од надлежните институции.

Употребата на дроги меѓу децата во Македонија станува сè посериозен и алармантен проблем, покажува најновата анализа на Народниот правобранител. Според податоците, најмалку 50 деца користат марихуана и други психоактивни супстанции, вклучувајќи халуциногени и стимуланси. Одговорот на државата во превенцијата, раното откривање, третманот и рехабилитацијата на овие деца се оценува како недоволен.
Загрижувачки е и фактот што сè почесто се идентификува употреба на дроги кај деца од сè помала возраст, што го прави проблемот уште покомплексен и бара итна реакција од надлежните институции.
Од меѓуопштинските центри за социјална работа било посочено дека нивните стручни тимови немаат соодветна специјализација за работа со деца зависници од дрога. Дополнително, според полициските извештаи доставени до Народниот правобранител, 130 малолетници активно користат дроги на јавни места – најчесто марихуана и амфетамин, а поретко екстази и хероин.
Извештајот открива и сериозен недостиг од обука, знаење и ресурси кај професионалците во здравствените и социјалните установи. Според експертите, овие институции не располагаат со доволно кадар, просторен капацитет и техничка опременост за да обезбедат адекватен третман и грижа за ранливата група деца кои се соочуваат со зависност.
Народниот правобранител апелира за итно зголемување на ресурсите и персоналот во здравствениот и социјалниот сектор, нагласувајќи дека само со системски пристап и јакнење на институциите може да се овозможи квалитетна грижа и ефективна поддршка за децата корисници на дрога.


