СЕ ПРЕТСТАВИЛ КАКО ДЕЛ ОД КРИМИНАЛНА ГРУПА И БАРАЛ ПАРИ – Уапсен на лице место
Истражните органи опфатија уште две лица за кои постои сомнение дека во август и септември во повеќе наврати изнудувале пари од истото лице

Три лица се под истрага за изнуда на пари од скопјанец и се сомничат за кривичното дело Изнуда по член 258 од Кривичниот законик.
Во периодот од 16 до 18 септември, првоосомничениот со сериозни закани го присилил оштетениот да му исплати 60.000 денари. Тој се претставил како припадник на криминална група и побарал 1.000 евра за да го „заштити“ од други лица што наводно исто така му барале пари. Воедно му се заканил дека ќе го убие и ќе му ја запали куќата доколку го пријави во полиција.
Оштетениот прво му предал 30.000 денари, а потоа сепак ја известил полицијата. Два дена подоцна, при примопредавање на остатокот од парите, банкнотите биле претходно крим-технички обработени, по што осомничениот бил уапсен на лице место со обележаните пари.
Истражните органи опфатија уште две лица за кои постои сомнение дека во август и септември во повеќе наврати изнудувале пари од истото лице. Тие го убедувале оштетениот дека парите се за други лица за да не му наштетат нему и на семејството. На овој начин наводно присилиле исплата од вкупно 27.000 евра.
Обвинителството предложи притвор за првоосомничениот, а за другите двајца – мерки на претпазливост: задолжително јавување во суд и забрана за приближување до оштетениот и неговото семејство.


