СДСМ СО НОВИ ОБВИНУВАЊА -161 тендер за фирмата на директорот на СОЗР
Опозициската партија тврди дека фирмата „Сити логистик“ / „Сити аутсорсинг“ добила над 5 милиони евра преку државни и општински тендери.

На денешната прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитриевиќ, објави податоци за нов скандал со корупција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ поврзан со директорот на СОЗР, Ивица Томовски. Опозициската партија тврди дека од државни институции и од општини, водени од ВМРО-ДПМНЕ, семејната фирма на Томовски која го менува името добила дури 5 милиони и 360 илјади евра или вкупно 161 тендери.
„Со доаѓањето на ДПМНЕ на власт семејната фирма на Томовски ја зголемила својата деловна дејност за 306 отсто. И тоа само во 2024 година. Само оваа 2025 година, фирмата добила 10 тендери од речиси половина милиони евра. Сопственик на ‘Сити логистик’ во мометнот кога е основана е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски а управител Слободан Кутановски, нивни близок роднина. Потоа се менува името на фирмата, ‘Сити аутсорсинг’. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име“, рече Димитриевиќ.
Тој истакна дека Антикорупцискиот тим на СДСМ ќе објави и други, како што ги нарече, „бомби“.
„Ние само што почнавме, а нашата нова сила, нашиот АКТ работи со полна пареа. Граѓаните нè поддржуваат, сите се дел од еден тим, еден фронт. Сите ние, граѓаните на оваа земја, сме против корупцијата. Работата не е завршена – нагласи Александар Саша Димитријевиќ.


