СДСМ ПАК МАВА СО БОМБИ Ќе следувала бомбашка офанзива против ВМРО-ДПМНЕ
Формиран антикорупцискиот тим на СДСМ кој ќе ги разоткрие сите скандали на власта

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денес најави дека партијата формирала свој антикорупциски тим и ќе побара поддршка од италијанските институции кои се справувале со „Коза ностра“. Тој рече дека ако тие успеале, „ние ќе можеме да се справиме со мафијата на ВМРО-ДПМНЕ во нашата држава“.
Антикорупцискиот тим ќе биде составен главно од млади активисти и истражувачи, а нивната работа ќе опфаќа обработка на скандали, анализа на документи и поднесување пријави до национални и меѓународни институции.
„Овој тим ќе ги истражува скандалите што ги гледаме секојдневно, ќе ги презентира пред јавноста и ќе разоткрива корупциски шеми на власта“, истакна Филипче.
Тој најави и нова онлајн платформа на која граѓаните ќе можат да пријавуваат сомнежи за корупција, да прикачуваат документи и да доставуваат докази.
Во пресрет на нови политички тензии, Филипче најави дека утре ќе биде обелоденет нов скандал со документи кои инволвираат „членови на владејачката структура“.
Лидерот на СДСМ ја повика европската главна обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија и лично да се увери во, како што рече, злоупотребите на европските фондови од страна на власта, особено преку ИПАРД програмата.
„СДСМ ја повикува Ковеши да помогне во расчистување на злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ, кои се однесуваат на 130 милиони евра. Македонија не е темен вилает каде може да се игра со европската иднина и парите на граѓаните“, заклучи Филипче.


