СДСМ БАРА ОДГОВОР ЗА ПЕТ ТОНИ ДРОГА – ВМРО-ДПМНЕ возвраќа прашајте го Зоран Заев кој има фабрика за марихуана

Пет тони марихуана, притвор во Белград и сомнежи за вмешаност на македонски структур

СДСМ БАРА ОДГОВОР ЗА ПЕТ ТОНИ ДРОГА – ВМРО-ДПМНЕ возвраќа прашајте го Зоран Заев кој има фабрика за марихуана
Фото: Принтскрин

Откако опозицискиот СДСМ побара одговори како пет тони марихуана, запленети во Србија, поминале преку територијата на Македонија, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека прашањата треба да се упатат до поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, кого го нарекоа „познат сопственик на фабрика за марихуана“.

„СДСМ прашува како поминала дрогата? Одговорите нека ги побараат кај Зоран Заев, без разлика дали е во Струмица или во Дубаи. Директна врска со него има Венко Филипче“, соопштија кратко од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, од СДСМ побараа одговори како толкава количина дрога можела да помине преку македонската граница и кои структури се вмешани во, како што го нарекуваат, сериозен картелски скандал. Од партијата оценуваат дека без поддршка од поединци во институциите и во власта, ваков случај е невозможен.

Во меѓувреме, Вишиот суд во Белград одреди притвор за три лица уапсени по заплената на повеќе од пет тони марихуана во регионот на селото Коњух, кај Крушевац, на 29 јануари. Според српските медиуми, осомничените за време на сослушувањето се повикале на правото да молчат.

Од српските истражни органи информираат дека станува збор за организирана криминална група која дејствувала на меѓународно ниво и во јануари годинава набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Северна Македонија. Посебно внимание привлекува фактот што еден од осомничените, со иницијали И.Д., е косопственик на компанијата „Алфафарм“, регистрирана во Скопскиот регион за производство и преработка на медицински канабис.

CATEGORIES
Share This