САТАНСКО И НЕМОРАЛНО – Милановиќ жестоко по Западот за Украина
Хрватскиот претседател предупредува дека Западот нема право да ѝ диктира на Украина дали да прифати мировен договор.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ остро ги критикуваше западните претставници кои, според него, ја советуваат Украина да не го прифати мировниот план понуден од американскиот претседател Доналд Трамп и Русија, нарекувајќи ги тие постапки „сатански“ и „неморални“.
„Ѓаволско е, сатаничко е, а притоа и целосно неморално. Со кое право советувам некого: ‘Не се согласувај, продолжувај да умираш’? “ изјави Милановиќ во Загреб.
Тој посочи дека иако повеќето европски лидери немаат реално влијание врз исходот на конфликтот, тоа не ги спречува да даваат изјави и да создаваат, како што рече, „хаос“. Милановиќ праша зошто некој однадвор би имал право да одлучува наместо Украина.
Според него, војната во Украина е класична „прокси“ пресметка меѓу Вашингтон и Москва, која може да заврши единствено со договор меѓу двете суперсили.
Милановиќ повтори дека од едната страна е НАТО – „термонуклеарен сојуз кој се шири на арогантен, селски начин“, а од другата Русија „опасна термонуклеарна сила“ која постојано предупредува на своите капацитети.
Тој потсети дека украинскиот претседател Владимир Зеленски сакал да постигне договор со Москва уште во 2022 година во Истанбул, а претходно и во Минск, но дека бил спречен од „агенти на хаосот“ кои го убедиле да продолжи со борбата, ветувајќи поддршка „додека не се предомислат“.
Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека планот на Трамп се движи во правилна насока, но дека треба да се доработи за да стане прифатлив за Украина и европските партнери.
Првичната верзија на американскиот план веќе наиде на отпор во Киев, Париз, Лондон, Берлин и Рим, чиј високи претставници се состанаа во Женева во неделата со цел да спречат постигнување мировен договор, пренесуваат хрватските медиуми.

