САРКОЗИ САМО ШТО ВЛЕЗЕ И ВЕЌЕ ИЗЛЕЗЕ ОД ЗАТВОР – Остатокот од казната ќе ја издржува дома

Поранешниот француски претседател ослободен по три недели во затворот „Ла Санте и оди на издржување на казната домад

САРКОЗИ САМО ШТО ВЛЕЗЕ И ВЕЌЕ ИЗЛЕЗЕ ОД ЗАТВОР – Остатокот од казната ќе ја издржува дома
Фото:Принтскрин

Поранешниот француски претседател Никола Саркози ќе биде ослободен од затвор и ќе го издржува остатокот од казната во домашен притвор, одлучи парискиот апелациски суд.

Саркози, кој веќе помина три недели во затвор, преку видео врска изјави дека тој период бил „исцрпувачки“ и „вистински кошмар“.

Тој беше затворен на 21 октомври во парискиот затвор „Ла Санте“, поради пресуда со која беше осуден на пет години затвор за криминален заговор во рамки на шемата за незаконско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година со пари од режимот на покојниот либиски диктатор Моамер Гадафи.

Саркози ги негира сите обвиненија и поднесе жалба, а новото судење е закажано за пролетта. Судот претходно наложи тој да остане во притвор поради „исклучителната сериозност“ на делото, но сега дозволи казната да ја продолжи дома под строга судска контрола.

Според условите, на Саркози му е забрането да комуницира со службеници од Министерството за правда, како и со сите лица вклучени во случајот, а нема право ниту да ја напушти Франција.

На последното сослушување тој, облечен во темно сино одело, се појави пред камерата од затворот и изјави:

„Им изразувам длабока благодарност на сите вработени во затворот кои покажаа човечност и ми помогнаа овој кошмар да го поднесам. Никогаш не побарав пари од Гадафи, ниту ќе признаам нешто што не сум сторил. Никогаш не замислував дека на 70 години ќе бидам во затвор – тоа е тешко искушение, исцрпувачко и оставa трага на секој човек.“

Саркози беше сместен во самица од девет квадратни метри со сопствен тоалет и туш, а во соседната ќелија биле неговите телохранители. Францускиот неделник „Ле Поинт“ објави дека тој се хранел претежно со јогурти од страв дека храната би можела да биде контаминирана.

На неговиот профил на социјалните мрежи неодамна беше објавено видео со стотици писма и пакети што ги добил во затвор, меѓу кои и книги, колажи и чоколади, со пораката:

„Ниедно писмо нема да остане неодговорено. Крајот на приказната сè уште не е напишан.“

Никола Саркози, кој беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година, останува првиот поранешен лидер на земја од Европската Унија што отслужил затворска казна, како и првиот француски претседател по Втората светска војна кој завршил зад решетки.

За време на неговото судење, обвинителството тврдеше дека Саркози склучил „фаустовски пакт за корупција“ со Гадафи за да обезбеди нелегално финансирање на изборната кампања.

CATEGORIES
TAGS
Share This