САНКЦИИ, СУДОВИ И МИЛИЈАРДИ Битката за венецуелскиот долг од 170 милијарди долари
Аналитичарите проценуваат дека ќе биде потребно отпишување од најмалку 50 отсто од долгот

Соборувањето на Николас Мадуро повторно ја отвори должничката криза на Венецуела, една од најголемите суверени неплаќања во светот, пишува Ројтерс.
Земјата западна во банкрот во 2017 година откако престана да ги сервисира обврзниците издадени од државата и државната нафтена компанија PDVSA, по години економска криза и американски санкции. Со натрупаните камати и судските побарувања, вкупниот надворешен долг денес се проценува на 150-170 милијарди долари, додека БДП изнесува околу 83 милијарди долари.
Во фокусот на наплатата е американската рафинерија Citgo, клучен имот на PDVSA, врз кој доверителите водат судски постапки во САД. Само во Делавер се регистрирани побарувања од околу 19 милијарди долари.
Аналитичарите проценуваат дека за одржливо реструктуирање ќе биде потребно отпишување од најмалку 50 отсто од долгот, најверојатно во рамки на програма на ММФ. Американските санкции и политичката неизвесност остануваат главна пречка за каков било брз договор.


