САНКЦИИ, НАФТА И МИЛИЈАРДИ – САД сакаат контрола врз 22 милијарди евра странските средства на „Лукоил“

Санкциите против Русија ја отворија вратата за американско преземање на клучни енергетски ресурси

САНКЦИИ, НАФТА И МИЛИЈАРДИ – САД сакаат контрола врз 22 милијарди евра странските средства на „Лукоил“
Фото: Принтскрин

Американскиот нафтен гигант „Шеврон“ и приватниот инвестициски фонд „Квантум Капитал Груп“ ги здружуваат силите за потенцијално купување на сите странски средства на санкционираната руска компанија „Лукоил“. Доколку трансакцијата биде реализирана, двете компании планираат да ги поделат средствата меѓу себе, објави „Фајненшл тајмс“.

Понудата ги опфаќа сите странски средства на „Лукоил“, вклучувајќи нафтени и гасни полиња, рафинерии и повеќе од 2.000 бензински пумпи низ Европа, Азија и Блискиот Исток. Според извори на британскиот весник, „Лукоил“ ја проценува вредноста на овие средства на околу 22 милијарди долари, односно 18,8 милијарди евра. Засега не е познато колкав износ би изнесувала конкретната понуда.

Портпарол на „Шеврон“ изјави дека компанијата продолжува да ги оценува потенцијалните можности, истакнувајќи дека „Лукоил“ располага со диверзифицирано портфолио, но одби да даде дополнителни коментари. Претходно, „Шеврон“ разгледувал и можност за самостојна понуда за дел од средствата.

„Квантум Капитал Груп“, основана од тексашкиот нафтен магнат Вил ВанЛох, веќе ја претставила својата иницијатива пред претставници на администрацијата на Доналд Трамп. Според извори запознаени со процесот, компанијата тврди дека купувањето ќе ја зацврсти американската контрола врз стратешки важни енергетски ресурси. Висок функционер на американската администрација за „Фајненшл тајмс“ ја оцени понудата како „привлечна можност“.

Интересот за странските средства на „Лукоил“ се зголеми откако швајцарската трговска куќа „Гунвор“ ја повлече својата понуда, откако Министерството за финансии на САД ја означи компанијата како „кукла на Кремљ“ и најави дека нема да ѝ издаде потребна лиценца.

Оттогаш, интерес изразија и други компании, меѓу кои унгарската „Мол Груп“, американската „Ексон Мобил“, саудиската „Мидад Енерџи“, инвестициската фирма „Карлајл“, како и конгломератот „Интернешнл Холдинг Компани“ од Абу Даби. Според „Ројтерс“, интерес покажал и австрискиот бизнисмен Бернд Бергмаир.

Американското Министерство за финансии им дозволи на заинтересираните компании да преговараат со „Лукоил“ до 17 јануари. Секој евентуален договор ќе мора да добие одобрение од американските регулатори, при што претседателот Доналд Трамп има право на вето.

„Лукоил“ ја најави продажбата на странските средства по воведувањето американски санкции против компанијата и „Роснефт“, со цел да се зголеми притисокот врз Москва за прекин на војната во Украина. Санкциите стапија на сила на 21 ноември, а делумно беа ублажени на почетокот на декември.

Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД дозволи бензинските пумпи на „Лукоил“ надвор од Русија да продолжат со работа до 29 април.

Меѓународната подружница на „Лукоил“ со седиште во Виена управува со рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак и Мексико, како и со стотици бензински пумпи ширум светот.

CATEGORIES
TAGS
Share This