САМО ЕДЕН КОНЦЕРТ НА ЧОЛИЌ ВО МАКЕДОНИЈА – Ќе има ли билети?
Здравко Чолиќ на 1 август ќе одржи единствен концерт во Македонија, на стадионот во Битола.

Најголемата регионална музичка ѕвезда, Здравко Чолиќ, ова лето ќе има само еден концерт во Македонија, закажан за 1 август во Битола.
Настанот ќе се одржи на Стадион Петар Милошевски, во период кога Чолиќ бележи рекордна посетеност на концертите низ целиот регион.
Зад него е импресивна серија настапи, меѓу кои пет распродадени концерти во „Зетра“ во Сараево во март и април 2026 година, со вкупно над 80.000 посетители. Дополнително, тука се и трите концерти во Скопје во „Борис Трајковски“ во 2025 година со околу 20.000 посетители, како и шесте концерти во Белградската арена во 2019 година, кои собраа повеќе од 120.000 луѓе. Чолиќ и претходно поставуваше рекорди со настапи на „Ушче“, „Кошево“ и „Маракана“.
Неговите концерти се препознатливи по тричасовната енергија, врвната продукција и безвременските хитови, кои обединуваат публика од сите генерации. Континуираниот квалитет и посветеност го прават секој настап сѐ поголем и посилен, следејќи ги највисоките светски стандарди.
Од Авалон продукција информираат дека сите детали за влезниците ќе бидат објавени вечерва во 20 часот на нивните официјални платформи.
