САД, НАТО, ЕУ – ВИ БЛАГОДАРИМЕ Али Ахмети на протестот за УЧК во Скопје
Ахмети упати порака до Западот и ја потенцира поддршката за поранешните лидери на УЧК

На протестот на ДУИ во центарот на Скопје, организиран во поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (УЧК) кои се соочуваат со судски процес во Хаг, главниот говорник беше лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој од бината на плоштадот „Скендербег“ упати порака директно до Западот.
Пред присутните поранешни припадници на УЧК и поддржувачи, Ахмети им се заблагодари на САД, НАТО и Европската унија за поддршката што ја пружиле на косовската герила и за нивната улога во запирањето на геноцидот врз Албанците.
Говорот на Ахмети започна со потсетување на историските личности кои, според него, ја трасирале патеката на албанската борба за слобода – Хасан Приштина, Пјетер Богдани и Неџат Аголи. Плоштадот „Скендербег“ го опиша како „историско место за границите на Европа“, симболично место на кое се брани не само историјата на косовската борба, туку и „европската идеја за слобода, правда и еднаквост“.
Според него, УЧК е дел од националниот идентитет и достоинството на Албанците, а протестот ја пренесува политичката порака низ наратив за историска мисија и продолжена борба за признавање на правдата.
Притоа Ахмети додаде дека денешниот протест не е насочен против Македонија, бидејќи оние кои се наоѓаат пред судот во Хаг имаат придонес за стабилноста и мирот, како и за иднината на државата.


