САД И ЈАПОНИЈА ПОСТИГНАА ДОГОВОР Царините се намалени, инвестициите се зголемуваат

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат нов трговски договор помеѓу САД и Јапонија. Според договорот, двете земји се согласија на „реципрочни“ царини од 15 отсто, објави Трамп преку својата платформа Truth Social.
Пред само две недели, администрацијата на Трамп најави дека ќе воведе царини од 25 проценти на целиот јапонски увоз почнувајќи од 1 август. Новиот договор ја ублажува таа мерка и ги поставува царините на 15 проценти.
Трамп го оцени договорот како „огромен успех“ и изјави дека Јапонија, по негова иницијатива, се обврзала да инвестира 550 милијарди долари (околу 470 милијарди евра) во САД. Деталите за овие инвестиции не се прецизирани, но Трамп тврди дека 90% од профитот ќе остане во САД и ќе резултира со создавање на „стотици илјади нови работни места“.
Како дел од договорот, Јапонија се обврзала да ги отвори своите пазари за американски производи, вклучувајќи автомобили, камиони, ориз и други земјоделски производи.
И покрај новите договорени услови, двете земји се согласија да ги задржат постојните царини од 50 проценти на челик и алуминиум, објави јапонскиот јавен сервис НХК.
САД остануваат најголемиот извозен пазар за јапонската економија. Според проценките на економистите, претходните трговски закани на администрацијата на Трамп можеа да резултираат со намалување на јапонскиот БДП за речиси еден процент.


