САД ЌЕ ЈА ПРЕДАДАТ УКРАИНА – Протекоа прислушкувани разговори меѓу Макрон, Мерц, Стуб, Руте
Европските лидери се согласиле дека Украина не смее да остане сама со американските посредници, открива протечениот разговор.

Францускиот претседател Емануел Макрон наводно предупредил дека САД би можеле да ја предадат Украина, според транскрипт од телефонски разговор меѓу европските лидери, генералниот секретар на НАТО и украинскиот претседател Володимир Зеленски, објавен од германското списание „Шпигел“.
Разговорот се одржал во понеделник и покрај Макрон, во него учествувале германскиот канцелар Фридрих Мерц, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, финскиот претседател Александар Стуб и други. Тема на дискусијата биле мировните преговори што САД наводно ги водат со Киев и Москва.
Според транскриптот, Макрон рекол дека постои можност САД да ја предадат Украина во однос на териториите, поради неизвесност околу безбедносните гаранции, и предупредил на „голема опасност“ за Зеленски, пренесува „Политико“.
Елисејската палата, сепак, го негираше тоа и истакна дека Макрон не ги употребил таквите зборови.
Германскиот канцелар Мерц изјавил дека Зеленски мора да биде „исклучително внимателен во наредните денови“ и посочил дека американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на поранешниот претседател Доналд Трамп, „си играат и со Украина и со нас“.
Финскиот претседател Стуб се согласил со Мерц, додавајќи дека Украина не смее да остане сама во разговорите со американските посредници, а генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја поддржал оваа оценка.
Разговорот следи по објавување на мировниот план од 28 точки на администрацијата на Трамп, кој бил критикуван од Украина и европските сојузници како премногу поволен за Русија. По последователни преговори, бил подготвен ажуриран план од 19 точки, кој Русија сè уште не го прифатила.
Москва, според „Политико“, не се откажува од своите максималистички барања Украина да предаде делови од територијата на исток, да ја намали армијата и да одржи нови избори.


