САД ЈА ПАУЗИРАА ДЕЛ ОД ВОЕНАТА ПОМОШ ЗА УКРАИНА причините се стратешки
Одлуката, според портпаролката Ана Кели, е донесена за да се „заштитат интересите на САД“, врз основа на преглед од Министерството за одбрана за надворешната воена помош.

Соединетите Американски Држави потврдија дека дел од испораките на оружје за Украина се привремено запрени, објави Белата куќа. Одлуката, според портпаролката Ана Кели, е донесена за да се „заштитат интересите на САД“, врз основа на преглед од Министерството за одбрана за надворешната воена помош.
Иако деталите не се прецизирани, агенцијата Ројтерс јавува дека суспензијата се однесува на ракети за воздушна одбрана и прецизна муниција – клучна опрема во одбраната од засилените руски напади.
Американските власти уверуваат дека помошта не е целосно прекината. „Министерството за одбрана продолжува да работи на опции за поддршка на Украина, паралелно со заштита на американската борбена готовност“, изјави заменик-министерот за одбрана, Елбриџ Колби.
Одлуката доаѓа во време на зголемени тензии во Украина и по неодамнешната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски на НАТО-самитот во Холандија. Иако средбата помина со дипломатска коректност, Трамп изјави дека разговорот бил „понекогаш напнат“.
Претходно, во март, Трамп веќе објави пауза на одобрената воена помош и суспендираше дел од разузнавачката соработка со Украина. Украинската влада сè уште не се има официјално изјаснето за најновата американска одлука.


