РУСКИОТ МИНИСТЕР – Продажбата на НИС на МОЛ е заемно корисна

Лавров го повика Белград да го преиспита односот со ЕУ и ја критикуваше нејзината политика кон Косово и Русија

РУСКИОТ МИНИСТЕР – Продажбата на НИС на МОЛ е заемно корисна
Фото: Архива

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го оцени прелиминарниот договор за продажба на блок акции во српската компанија НИС, која е во сопственост на „Газпромнефт“, на унгарската компанија МОЛ како заемно корисен.

„Отворени сме за соработка со сите“, рече Лавров на прес-конференцијата за резултатите од руската дипломатија, пренесува Спутник.

Тој додаде дека Русија е подготвена да соработува и со САД по ова прашање.

„Газпромнефт“ потврди во понеделник дека потпишал договор за намера со МОЛ за продажба на 56,15% од акциите во НИС. Унгарската компанија претходно објави дека потпишала обврзувачки прелиминарен договор со „Газпромнефт“. За финализирање на трансакцијата е потребно одобрение од Министерството за финансии на САД и од српските власти, а договорот за купопродажба се очекува да се потпише до 31 март.

Лавров исто така ја коментираше намерата на Србија да се приклучи кон ЕУ, истакнувајќи дека Белград треба да го преиспита својот однос со Европската унија.

„Иднината на Србија се поврзува со ЕУ, а одговорот од ЕУ беше ќе видиме. Прво, признајте го Косово, а потоа целосно усвојте ја надворешната политика на ЕУ, вклучително и санкциите против Русија“, рече Лавров.

Тој праша и „дали ова е учтиво од Брисел?“

Според Лавров, ЕУ ѝ порача на Србија дека Русија не треба да се меша во регионалните прашања. Тој истакна дека соработката меѓу САД и Русија на Балканот е во интерес на Србија, особено со оглед на условите што ги поставува ЕУ – признавање на Косово и приклучување на санкциите против Русија.

CATEGORIES
Share This