РУСИЈА ГО РАЗГЛЕДА ПЛАНОТ НА ТРАМП – Украина се противи, предупредување од Путин
Рускиот претседател зборуваше за американскиот мировен план на состанок со Советот за безбедност.

Претседателот на Русија, Владимир Путин го коментираше американскиот мировен план за Украина за време на состанокот со постојаните членови на Советот за безбедност. Според извештаите, Путин изјавил дека „новиот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп може да биде основа за конечно решение во Украина“.
Москва го добила текстот на планот, но, како што наведува Путин, иницијативата била разгледана само генерално. Рускиот лидер истакна дека САД не преговараат директно за планот со Русија, затоа што Украина се спротивставува на тоа:
„Но, конкретно, тој текст не е дискутиран со нас. И можам да претпоставам зошто. Американската администрација досега не успеа да го обезбеди договорот од украинската страна. Украина е против тоа“, рече Путин.
Рускиот претседател предупреди дека ако Киев не сака да разговара за предлогот на Трамп, Украина и Европа „мора да разберат дека настани како оној во Купјанск ќе се повторат“. Тој исто така потсети дека по преговорите во Алјаска, имало пауза од американската страна, која, според него, е поврзана со одбивањето на Украина да го прифати планот.
Планот на Доналд Трамп за Украина содржи 28 точки, а американскиот претседател претходно изјави дека Украина добила ултиматум да одговори до Денот на благодарноста, 27 ноември.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес се обрати до граѓаните и рече дека Украина е под еден од најтешките притисоци во својата историја. Тој истакна дека земјата се соочува со „многу тежок избор“:
„Сега Украина може да се соочи со многу тежок избор. Или губење на достоинство, или ризик од губење на клучен партнер. Или тешки 28 точки, или исклучително тешка зима – најтешката – и дополнителни ризици“, нагласи Зеленски.

