РУСИЈА ДО САД Не си играјте со оган
На форумот „Валдеј“ во Сочи, рускиот претседател Владимир Путин оцени дека испораката на овие ракети нема суштински да ја промени состојбата на бојното поле, нагласувајќи дека на Киев му недостасува човечки ресурси.

Претседателот на Комитетот за меѓународни работи на руската Државна дума, Леонид Слуцки, изјави дека е „невозможно американскиот претседател Доналд Трамп да не ги сфаќа последиците“ од потенцијалната испорака на крстосувачки ракети со долг дострел „Томахавк“ на Украина.
Според него, таквиот потег на Вашингтон би можел драматично да ги зголеми ризиците од избувнување на Трета светска војна.
„Тешко е да се поверува дека Трамп не ја разбира тежината на одлуката за испорака на ракети способни да носат нуклеарна боева глава на режимот во Киев,“ истакна Слуцки, додавајќи дека Москва би била приморана да реагира во случај на ваков потег.
Американскиот претседател, пак, претходно посочи дека евентуалната употреба на „Томахавците“ во Украина би била под контрола на американски експерти.
Слуцки предупреди дека ваквиот чекор може да ја урне „кревката структура на преговарачкиот процес“ меѓу Москва и Вашингтон и да ја поткопа можноста за дипломатско решение на конфликтот.
„Ризиците од трета светска војна би се зголемиле многукратно, а вината за тоа сигурно нема да биде кај Русија,“ изјави тој.
Тој додаде дека е рано за еуфорија во Киев, бидејќи сè уште нема конечна одлука од Вашингтон.
„Изјавата на Трамп може да биде или реална најава на ескалација или само фигуративен израз. Треба да почекаме официјални објаснувања,“ напиша Слуцки на Телеграм.
Американската администрација неодамна соопшти дека ја разгледува можноста за испраќање на „Томахавк“ ракети со дострел до 1.500 километри, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го покрена прашањето на средбата со Трамп.
На форумот „Валдеј“ во Сочи, рускиот претседател Владимир Путин оцени дека испораката на овие ракети нема суштински да ја промени состојбата на бојното поле, нагласувајќи дека на Киев му недостасува човечки ресурси.


