РУДНИКОТ ШТО МИРУВАШЕ 40 ГОДИНИ СЕ БУДИ – Сега вреди милиони
Американска финансиска поддршка од 5 милиони долари отвора нова ера за рударството во Македонија.

Австралиската компанија Pela Global Limited, која работи на проекти за антимон и злато во Северна Македонија, потпиша договор за финансиска поддршка од 5 милиони долари со U.S. International Development Finance Corporation (DFC). Средствата се наменети за истражување на критични минерали во земјава.
Договорот беше потпишан во Вашингтон од страна на раководителот на инвестиции во DFC, Конор Колман, и извршниот директор на компанијата, Ник Јовановски, во рамки на официјалната посета на владината делегација на САД. На настанот присуствуваа министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Од Министерството за енергетика соопштија дека финансиската поддршка претставува важен чекор за развој на секторот на критични минерали и отвора можности за нови инвестиции, истражувања и технолошки развој. Според нив, договорот е и сигнал за зголемен интерес за вложувања во овој сектор и потврда за стратешката соработка со САД.
Компанијата веќе има концесија за истражување и експлоатација на антимон во реонот на селото Луке, кај Крива Паланка. Нејзини клучни проекти се рестартирањето на рудникот „Крстов Дол“, како и проектот „Самар Голд“, кој опфаќа истражување на злато, сребро, олово, цинк и бакар.
Рудникот „Крстов Дол“ бил затворен во 1981 година поради ниските цени на антимонот. Според достапните податоци, од него претходно биле извадени околу 50.000 тони руда, додека историските ресурси се проценуваат на речиси 3 милиони тони, со дополнителен потенцијал во неистражените структури.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека истражните активности се при крај и најави можност за скоро отворање на рудникот.
Инаку, Ник Јовановски е австралиски бизнисмен со македонско потекло и основач на компанијата, која има амбиција во иднина да котира на австралиската берза.
Дополнително внимание предизвикаа и информации за партнерства меѓу компанијата и Македонска православна црква – Охридска архиепископија во проекти за обновлива енергија.
Според податоците од компанијата, регионот околу Крива Паланка се наоѓа во рамки на т.н. Тетиски металоген појас и геолошка зона позната по значителен минерален потенцијал, што го прави овој проект особено атрактивен за идни инвестиции.
