РОМАНЦИТЕ ДЕНЕС НА ГЛАСАЊЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ 11 кандидати на гласачкото ливче, но сè уште доминира „забранетиот“ Ѓорѓеску
Иако на ливчето има дури 11 кандидати, вниманието на јавноста и понатаму е насочено кон кандидатот кој не е во трка - контроверзниот Калин Ѓорѓеску.

Романија денес го одржува вториот круг од претседателските избори, откако утринава во 7 часот беа отворени 18.979 избирачки места низ целата земја. Иако на ливчето има дури 11 кандидати, вниманието на јавноста и понатаму е насочено кон кандидатот кој не е во трка – контроверзниот Калин Ѓорѓеску.
Ѓорѓеску, кој неочекувано победи во првиот круг од поништените избори во ноември минатата година, беше исклучен од новата изборна трка поради обвиненија за кршење на Уставот и нелегално финансирање на кампањата. Обвинувањата сè уште не се докажани, а неговото исклучување предизвика остра полемика и обвинувања за странско мешање, особено од Русија, иако докази за директна поврзаност со Москва нема.
Најголем фаворит според анкетите е десничарот Ѓорѓе Симион од Сојузот на Романците (АУР), кој ужива отворена поддршка од Ѓорѓеску. Според предвидувањата, Симион може да освои околу 35 отсто од гласовите. Неговиот најверојатен противкандидат во вториот круг на 18 мај ќе биде поранешниот премиер Виктор Понта, независен кандидат, со околу 23 отсто поддршка.
Симион водеше кампања фокусирана на критика кон Брисел и „случајот Ѓорѓеску“, нарекувајќи го доказ за нарушување на демократијата. Слични ставови изрази и Понта, кој додаде дека и покрај неправдите, Романија мора да ја зачува својата позиција како членка на ЕУ.
Независниот кандидат Никушор Дан, трет според популарноста, ја бранеше евроатлантската ориентација на земјата, повикувајќи на поддршка за Украина и заедничките вредности на ЕУ.
Кампањата не беше без контроверзии. Кандидатот Крин Антонеску од владината коалиција се соочи со обвинувања за поврзаност со поранешната тајна полиција Секуритате, но архивите потврдија дека една негова изјава од 1988 година не е доволна за да се смета за соработник.
Кандидатката Елена Ласкони, иако со ниска поддршка според анкетите, потсети дека и Ѓорѓеску лани бил потценет, а сепак победил. Таа истакна недоверба во анкетите и очекува изненадувања.
Невообичаен обрт во предизборниот период беше и протерувањето на дописникот на РТ, Шеј Боус, под обвинение дека претставува закана за националната безбедност. Темата Ѓорѓеску влезе и во светски рамки, откако неколку соработници на американскиот претседател, меѓу кои и Илон Маск, јавно го критикуваа Букурешт за забраната.
Дополнителна фрустрација кај гласачите предизвика и веста дека визите за САД нема да бидат укинати, како што се надеваше романската влада.
Гласањето ќе трае до 21 часот, а се очекува висока излезност, особено во дијаспората, која започна со гласање уште од раните утрински часови.


