РОКОТ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ ЗА ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ИСТЕКУВА ДЕНЕСКА – Поднесени четири кандидатури
Советот на јавни обвинители има рок од 15 дена да даде образложено мислење за кандидатите

До архивата на Собранието до денеска пристигнале вкупно четири пријави за избор на нов државен јавен обвинител на Република Северна Македонија. Од прес-службата на Собранието ја потврдија бројката, но засега не откриваат детали за идентитетот на кандидатите. Рокот за пријавување, според законските одредби, официјално истекува денеска на полноќ.
Меѓу пријавените кандидати е и поранешниот претседател на Основниот суд Скопје, Владимир Панчевски, кој својата кандидатура ја поднел на 21 јануари. Тој наведува дека ги исполнува сите општи и посебни услови утврдени со Законот за јавно обвинителство и доставил целосна документација за својот професионален стаж во областа на кривичното право.
Друг кандидат е Мустафа Хајрулахи, поранешен виш јавен обвинител во скопското Вишо јавно обвинителство.
Според извори на Национал кандидатура имаат поднесено и судијата Ненад Савески и јавната обвинителка Лидија Раичевиќ.
Потребата за нов државен јавен обвинител се појави поради неотповикливата оставка на Љупчо Коцевски во декември минатата година. Во меѓувреме, институцијата ја води Анита Тополова-Исајловска, која е назначена за вршител на должноста.
Според законската процедура, по комплетирањето на листата, Собранието ги доставува кандидатурите до Владата. Владата потоа треба да побара мислење од Советот на јавни обвинители, кој има рок од 15 дена да достави образложено мислење за секој кандидат. Доколку ниту еден кандидат не добие позитивна оцена, Владата не може да утврди предлог и Собранието ќе распише нов оглас.
Кандидатите за функцијата мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како судии или јавни обвинители во областа на кривичното право.

