РОКОТ ИСТЕКУВА ДЕНЕСКА – ЗНМ награди 2025

Аплицирањето е отворено за наградите за животно дело, истражувачко новинарство и локално известување

РОКОТ ИСТЕКУВА ДЕНЕСКА – ЗНМ награди 2025
Фото: Принтскрин

Денеска истекува рокот за пријавување на кандидатури за годишните награди на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), се наведува во соопштението што МИА го објавува интегрално.

ЗНМ годинава ќе додели три новинарски награди: наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело, наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство и награда за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење за 2025 година.

За наградата за животно дело, кандидатите можат да се пријават самостојно или по предлог на тројца новинари. Апликацијата треба да содржи лични податоци, кратка биографија и образложение за професионалните остварувања што оставиле значајна трага во македонското новинарство.

Кандидатурите за наградата за истражувачко новинарство, исто така, можат да бидат поднесени од самиот новинар или по предлог на тројца новинари. Пријавените медиумски продукти треба да бидат сериозни новинарски истражувања објавени во текот на 2025 година во медиуми во Македонија, посветени на прашања од јавен интерес. Истражувањата треба да откриваат злоупотреби на власта и моќта, како и кршење на човековите права и слободи, да бидат оригинални и поткрепени со проверени факти од повеќе извори.

За наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење можат да конкурираат новинари кои работат или се ангажирани во локални и регионални медиуми, како и дописници на национални медиуми надвор од Скопје. И во оваа категорија пријавата може да биде поднесена лично или по предлог на тројца новинари.

За наградите за истражувачко новинарство и за локално и регионално известување, апликацијата треба да содржи функционален линк до објавениот материјал, а доколку се доставува лично во канцелариите на ЗНМ, материјалот треба да биде испечатен или снимен на USB. Во овие категории може да се пријават најмногу два новинарски продукта објавени во текот на 2025 година.

Пријавите треба да се достават најдоцна до 26 јануари 2026 година и тоа по електронска пошта на contact@znm.org.mk (контакт лице: Елизабета Стојановиќ, тел. 02/3298-139), со назнака во предметот „ЗА ЗНМ НАГРАДА 2025“, при што секој апликант ќе добие потврда за прием, или по препорачана пошта на адреса: Здружение на новинарите на Македонија, Градски Ѕид, блок 13, 1000 Скопје. Пријавите испратени по пошта треба јасно да бидат означени со „За ЗНМ НАГРАДА 2025“.

На добитникот на наградата за животно дело ќе му биде врачена плакета, додека добитниците на наградите за истражувачко новинарство и за најдобро локално и регионално известување ќе добијат плакета и парична награда во износ од 1.000 евра, во денарска противвредност.

Изборот на добитниците ќе го направи Комисијата за доделување на наградите на ЗНМ.

CATEGORIES
Share This