РОДИТЕЛИТЕ ПО ПРВОТО РОЧИШТЕ ЗА ПУЛС – Стравуваме дека повторно ќе бидеме изманипулирани

Огромна загриженост предизвикува присуството на познати адвокати кои ги бранат обвинетите

РОДИТЕЛИТЕ ПО ПРВОТО РОЧИШТЕ ЗА ПУЛС – Стравуваме дека повторно ќе бидеме изманипулирани
Фото: Национал

Заврши првото судско рочиште за големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на кое освен обвинетите присуствуваа и родителите и роднините на загинатите млади луѓе. По рочиштето, еден од родителите даде изјава за медиумите, изразувајќи длабока загриженост дека случајот би можел да заврши како процесите за модуларната болница, за трагедијата во Ласкарци или за автобуската несреќа во Бугарија – со, како што велат, чувство на манипулација и недоволна правда.

„Осум месеци поминаа, а гледаме дека сè уште не знаеме од каде тргнуваат и на што се темели нивната работа… Веќе на старт се гледаат разработени математики и калкулации. Ние, родителите, се чувствуваме изманипулирани и стравуваме дека нашата трагедија ќе заврши како Ласкарци, како автобусот во Бугарија или како модуларната болница. А имавме средби со премиерот – две и со министерот за внатрешни работи исто така две. Ни беше кажано дека случајот во Кочани е врв на сите криминали што се случуваат и дека мора да се пресече, бидејќи ако не се направи тој рез, нема смисла да постоиме како држава.

За нас, родителите, ова е еден од најголемите испит за државата. Наместо поддршка, гледаме како со текот на времето нè туркаат во заборав. Велат: ‘Имаат тие каде да плачат, нека си одат таму, нека не ја оптоваруваат јавноста’. Толку сме исцрпени и омаловажени што уште од првите часови на денешното рочиште гледам познати адвокати – оние што вчера ги гледавме по телевизии а денес се бранители на обвинетите. Со свои шеми и пресметки дејствуваат така што ние, оштетените, да бидеме целосно уништени“, изјави родителот на едно од загинатите деца.

CATEGORIES
Share This