РОДИТЕЛИТЕ ОД КОЧАНИ ВЕЛАТ БИЛЕ ПОНИЖЕНИ – Од владата стигна демант дека не е точно
Во писмото до државниот врв родителите поднесоа пет конкретни барања

Средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и родителите на загинатите млади од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, одржана на 7 јули во Владата, предизвика силни реакции во јавноста поради тврдењата за нечувствителен однос на премиерот кон семејствата.
Според објавата на Фејсбук-страницата на „Здружението на граѓани 16 март 2025 – Кочани“, средбата која требало да донесе разбирање и сочувство, завршила со чувство на понижување и шок.
Родителите, кои со месеци бараат средба со државниот врв, досега испратиле три писмени барања – до премиерот Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието Африм Гаши. Барањата се однесуваат на законска, финансиска и институционална поддршка за семејствата погодени од трагедијата во која загинаа 62 млади.
Одговор добиле единствено од кабинетот на премиерот, каде им било кажано дека поради безбедносни причини, тој не може да ги посети во Кочани, туку средбата ќе се одржи во Владата во Скопје.
Во објавата се наведува дека средбата започнала со неочекувано површен поздрав од премиерот: „Здраво! Како сте?“ – што, како што велат родителите, било болно и неумесно во контекстот на загубата што ја доживеале.
Но, најголемата навреда дошла кога се разгледувало нивното прво барање – еднократна парична помош за семејствата. Премиерот, според нивниот навод, изјавил:
„Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца.“
Овие зборови, велат родителите, ги понижилe и навредилe длабоко, додавајќи дека тие не бараат пари за да „продадат“ нечие сеќавање, туку институционално признавање на болката и загубата.
Во писмото до државниот врв родителите поднесоа пет конкретни барања: Еднократна парична помош за секое семејство на починатите за душевна болка и нематеријална штета, предвремено пензионирање или инвалидска пензија за родителите на починатите, право на отсуство и заштита на работното место по трагичната загуба, поддршка и заштита на децата кои изгубија родител во трагедијата како и поддршка и заштита на браќата и сестрите на загинатите.
Сите барања се образложени согласно постојните закони и не се однесуваат само на финансиска надокнада, туку и на човечка и системска поддршка за погодените семејства.
Подоцна во текот на денот, Владата издаде реакција во која се вели:
-Не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија. Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина
Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и апелираме да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство. Тоа беше втора средба со семејствата и ние би потсетиле дека премиерот за време на средбата од почетокот и до крајот разговараше и се поздрави изразувајќи сочувство со сите присутни поединечно и низа други гестови и иницијативи и работи кои од етички и човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија затоа што се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме.
Сведување на дискусијата на „здраво како сте” и „колку чини” не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно.
Истовремено, изразувајќи длабока тага за трагедијата, сочувство и поддршка за семејствата, упатуваме на тоа дека оваа трагедија, овој трагичен и ужасен настан, е болка не само за семејствата, но и за целата држава и нема некој кој не го мисли и чувствува тоа.
Владата ќе биде секогаш тука за семејствата и што се однесува до нашиот ангажман и тоа што зависи од нас, ќе се трудиме правда да има, и ќе се бориме утеха некаква ако може да се најде, и секогаш ќе бидеме потпора на семејствата, во нивните потреби, барања и предизвици. Затоа што ова е и наша болка и тага, и тие не се мерат и споредуваат, туку се докажуваат со дела кои ние ги правиме и планираме да ги правиме.
Апелираме да не се злоупотребуваат овие настани и моменти, да не се суди врз база на гнев и тенденција, а владата секогаш ќе биде тука за семејствата и колку што може – максимално ќе им помага во барањата кои се рационални и врз основа на закон и ингеренции.


