РОДИТЕЛИТЕ НЕЗАСЛУЖЕНО БАРААТ ПЕТКИ ЗА СВОИТЕ ДЕЦА – Послабата оценка не е казна, туку мотив

Кампања „Магијата е знаењето“: За квалитетно учење, не за високи оценки без знаење

РОДИТЕЛИТЕ НЕЗАСЛУЖЕНО БАРААТ ПЕТКИ ЗА СВОИТЕ ДЕЦА – Послабата оценка не е казна, туку мотив
Фото: Принтскрин

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека проблемот со „петките“ во земјата е сериозен и, според нејзиното долгогодишно искуство и контакти со наставниците, главниот фактор се родителите. Кампањата „Магијата е знаењето“ има за цел да им укаже на родителите кои инсистираат нивните деца да добиваат високи оценки без соодветно знаење дека всушност им нанесуваат штета – прво на самите деца, а потоа и на целото општество.

Министерката појасни дека послабата оценка не е казна, туку треба да биде мотив за развој на компетенции, вештини и знаење што ќе му помогнат на детето во животот.

„Ако детето е задоволно од својот труд и постигнувања, задоволно ќе биде и целото општество, иако ова е масовна појава. Досега презедовме неколку мерки на пример, воведувањето на Е-дневникот и разни програми за влијание врз стереотипи и предрасуди и ќе продолжиме во ист правец“, рече Јаневска.

На прашање за воведување приемни испити на факултетите, министерката истакна дека тоа не е забрането и дека секој факултет сам може да одлучи за тоа. Како пример, таа го спомена Архитектонскиот факултет, каде се одвива претквалификација и обука за испит. Сепак, според Јаневска, поради усогласување со европските стандарди и националниот систем, учениците веќе имаат матура, и неправедно е да се воведат две скалила на елиминација за напредок во високото образование.

Министерката додаде дека матурата е изменета според барањата на учениците и наставниците, со цел да се одвои државната стручна матура од државната гимназиска матура. Така, учениците од стручните училишта, кои имаат помал обем на општообразовни предмети, ќе полагаат материјал прилагоден на нивните наставни планови, додека учениците од гимназиите ќе полагаат повеќе предмети од општообразовниот циклус. И двете матури ќе бидат државни и ќе овозможуваат пристап кон високото образование, вклучувајќи и можност за студирање во странство.

Весна Јаневска ова го истакна за време на петтиот панел од националната кампања „Магијата е знаењето“ во Струмица.

CATEGORIES
TAGS
Share This