РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ БАРААТ СТАТУС НА НЕГУВАТЕЛИ Петиција за законски измени за месечен надомест и социјално признание

РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ БАРААТ СТАТУС НА НЕГУВАТЕЛИ Петиција за законски измени за месечен надомест и социјално признание

Родителите на деца со попреченост го кренаа својот глас – преку петиција бараат државата конечно да ги признае како родители-негуватели, со право на месечен паричен надомест и социјална сигурност. За многумина од нив, грижата за дете со попреченост е 24-часовна обврска, што ги исклучува од пазарот на труд и ги остава без плата, осигурување или пензија.

Петицијата ја иницираше Анче Туфекчиева од Струмица, мајка на 18-годишната Верче со Даунов синдром, и претседателка на здружението „Вера“.

Според Туфекчиева, оваа борба не е индивидуална – станува збор за околу 200.000 семејства во земјава кои се соочуваат со слична реалност.

Меѓу потписниците на петицијата е и д-р Ѓорги Јанев, специјалист по медицина на трудот, кој нагласува дека многу родители претрпуваат сериозни психофизички последици.

Надлежното Министерство за труд и социјална политика порача дека е отворено за соработка и размена на идеи, но засега нема конкретни најави за измена на Законот за социјална заштита.

Родителите, пак, порачуваат: време е државата да покаже достоинство, разбирање и системска поддршка за најранливите. Петицијата продолжува да собира потписи – со надеж дека хуманоста ќе се врати таму каде што најмногу недостига: во институциите.

CATEGORIES
Share This