РОДИТЕЛИТЕ ДО НОВИОТ ОБВИНИТЕЛ – Предметот за „Пулс“ да се отвори одново
На 34. „Марш за ангелите“ семејствата побараа проширување на истрагата и утврдување индивидуална одговорност за трагедијата во „Пулс“

Родителите на младите кои загинаа во пожарот во т.н. „Пулс“ денеска, на 34. „Марш за ангелите“ во Кочани, повторно побараа проширување на истрагата, утврдување индивидуална одговорност и јавно објаснување зошто одредени лица сè уште не се опфатени со постапка. Тие испратија јасна порака до новиот државен јавен обвинител – предметот да се преиспита од самиот почеток, од денот на трагедијата, со цел да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил.
Пред полициската станица во Кочани, Александар Наунов, татко на едно од починатите девојчиња, истакна дека семејствата се гневни поради селективниот пристап во истрагата.
„Гневни сме затоа што постојат и други лица за кои и јавноста и ние како семејства основано знаеме дека носат вина, а не се ниту осомничени, ниту дел од видлива и транспарентна истрага. Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња, приказни и семејства што засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака дека сме тука, дека паметиме и дека нема да дозволиме вистината да се закопа заедно со нашите деца“, рече Наунов.
Пред зградата на Судот и Обвинителството во Кочани се обрати и Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова, која оцени дека оставката на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е задоцнета.
„Денес, додека повторно чекориме со сликите на нашите деца во срцата, државниот обвинител поднесе неотповиклива оставка. Оставка што доаѓа предоцна. Немаше храброст и волја самостојно да го отвори предметот од денот на трагедијата. Наместо вистинска истрага, се бараа информации од МВР, а постапките беа насочени кон лица осомничени уште од 2024 година и претходно, додека вистинските носители на моќ и одговорност останаа заштитени“, изјави Трифунова.
Таа нагласи дека новиот државен јавен обвинител мора темелно да го преиспита целиот предмет и на обвинителна клупа да ги изведе сите што директно или индиректно придонеле за трагедијата.
Протестниот марш, како и обично, започна од „Паркот на револуцијата“, продолжи преку Трговскиот центар и Управата за јавни приходи, а заврши пред полициската станица и Судот. Кај двојниот мост на кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, родителите накратко го блокираа сообраќајот. Дел од возачите реагираа со свирежи, не знаејќи зошто подолг период стојат во место.


